Речиси и да нема човек што некогаш не слушнал некој од вицевите за познатите Мујо и Хасо. Кој виц за нив ви е омилен?
Со вицевите за Мујо и Хасо пораснаа голем број генерации наназад, а старите добро познати протагонисти од Босна сѐ уште се поврзуваат со голем број досетки и шеги.
Во продолжение издвојуваме неколку вицеви за Мујо и Хасо што можеби досега не сте ги слушнале, а ќе ви се најдат за седенките со пријателите и веднаш ќе сакате да ги споделите.
Џентлмен
Оделе Мујо и Фата по улица, кога надвор почнало да врне. Мујо веднаш извадил чадор од ранецот и ѝ го дал на Фата, па ѝ рекол:
– Срцка, еве земи го чадорот за да не накиснеш до дома – на што таа му одговорила:
– Леле, баш си џентлмен… А ти како ќе си одиш до дома? Ќе накиснеш…
– Па со такси! – рекол Мујо.
Прашања
Ја прашува Мујо сопругата:
– Кога јас би починал дали ти повторно би се омажила? – на што таа му одговорила:
– Не љубов моја, би останала да живеам со сестра ми… А ти, миличок, дали би се оженил повторно, ако мене нешто ми се случи?
– Не, љубов моја и јас би останал да живеам со сестра ти – одговорил Мујо.
Нерешено
Мујо го прашува другар му, Хасо:
– Еј, Хасо што би се случило кога јас би имал секс со жена ти?
– Ништо ќе бидеме 1:1.
Сообраќајка
Мујо и Хасо имале тешка сообраќајна несреќа, починале и заминале во рајот, кога таму ги пречекува господин во бело и им вели:
-Добродојдовте во Рајот господа! Тука не мора да се грижите за пари, затоа што пари нема. Исто така не треба да мислите за работа, затоа што работа нема.
Го гледа Мујо другар му Хасо, па му вели:
– Хасо брат, тука исто како дома, ич не требаше да доаѓаме!
Војска
Зошто Мујо и Хасо добиле кила во војска?
Затоа што старешината им рекол да го „кренат тенкот во воздух“.
Добра и лоша вест
Мујо и Хасо требало на раце да однесат замрзнувач на 10-тиот кат во една зграда. Во еден момент Мујо му рекол на Хасо:
– Брат имам една добра и една лоша вест…
– Која е добрата, а која е лошата? – прашал Хасо.
– Па добрата е дека сме на осми кат, а лошата е дека ја згрешивме зградата.
Мигранти
Го прашале Мујо што мисли за мигрантите што масовно доаѓаа на Балканот, а тој одговорил:
– Јас мислам дека тие луѓе ги поминаа сите граници!
Да не се фрли
Оди Мујо кај Хасо на гости и гледа како жена му и децата скокаат боси по снегот. Влегува внатре кај Хасо и го прашува:
– Абе брат, зошто жена ти и децата скокаат боси по снегот, што е работата…?
– Ма имам некој сируп против грип и кашлица, ќе му истече рокот за некој ден, па велам да не се фрли за џабе.
Здравствена книшка
Хасо се разболел, но немал здравствено осигурување и го замолил Мујо да му ја позајми неговата здравствена книшка.
– Аман, те молам Хасо, пази да не те фатат, ќе биде лошо и за двајцата – го предупредил Мујо.
Стигнал Хасо кај лекарот, му ја дава книшката, а лекарот ја отвора книшката и му вели:
– Добро, што ти е тебе, Мујо?
– Па најдобар другар.